1. Согласно чл.10, 11 и 14 од Законот за локални избори, членовите на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и избирачките одбори се именуваат по предлог на политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови, како и на предлог на политичките партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.
Заради создавање на услови за спроведување на фер и демократски избори од големо значење е формирањето политички независни органи за спроведување на изборите, па во таа насока, неопходно е со новиот изборен закон да се предвиди следното:
Членовите на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и избирачките одбори да се именуваат од страна на судовите, не по предлог на политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови и политичките партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.
2. Согласно чл.62 од Законот за локални избори, при утврдувањето на резултатите од гласањето на избирачките места, неупотребените гласачки ливчиња се ставаат во посебен плик кој се затвора, запечатува и врз него се запишува бројот на избирачкото место и вкупниот број на неупотребените ливчиња.
Ваквата законска одредба остава можност можност неупотребените гласачки ливчиња да се злоупотребат, поради што со новиот изборен закон да се предвиди:
По утврдувањето на бројот на неупотребените гласачки ливчиња, на неупотребените гласачки ливчиња да се стави некаков знак (засекување со ножица, обележување со маркер и сл.), со што нема да постои можност неупотребените гласачки ливчиња да се злоупотребат.
3. Согласно чл.81 од Законот за локални избори, секој подносител на листа на кандидати за членови на совет и листа на кандидат за градоначалник и секој избирач во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето има право да поднесе приговор до изборната комисија.
Оваа законска одредба им исклучува домашните набљудувачи од постапката за заштита на избирачкото право, што е неоправдано бидејќи домашните набљудувачи се непосредно присутни при гласањето, сумирањети и утврдувањето на резултатите од гласањето. Затоа, со новиот изборен закон
Покрај подносителот на листа на кандидати за членови на совет и листа на кандидат за градоначалник и секој избирач, право за поднесување на приговори и жалби до надлежните органи да се предвиди и за невладините организации кои се јавуваат како домашни набљудувачи.
4. Со новиот изборен закон, за членовите на органите за спроведување на изборите (ДИК, ОИК и ИО) кои се осудени за кривични дела против изборите и гласањето, да се предвиди забрана за тие лица во иднина повторно да бидат членови на органи за спроведување на изборите.
5. Во новиот изборен закон да се предвиди обврска за ДИК и ОИК, да го достават избирачкиот материјал до Основните Јавни обвинителства, доколку избирачкиот материјал може да послужи како доказ во постапката за кривично гонење на сторителите на кривични дела против изборите и гласањето.
6. Кривичното гонење на сторителите на кривични дела против изборите и гласањето ќе биде поефикасно доколку со новиот изборен закон се направи прецизна граница помеѓу изборни нерегуларности и кривични дела против изборите и гласањето. Новиот изборен закон не смее да содржи одредба каква што е содржана во Законот за локални избори (чл.97 ст.1 “Со парична казна од 40.000 до 50.000 ден. ќе се казни за прекршок физичко лице кое гласа за повеќе лица или гласа во име на друго лице, како и за спречување на присуство на полиција, ако за тоа имало потреба.”) бидејќи со оваа одредба гласањето за повеќе лица и гласањето во име на друг се определени како прекршок, а истите тие дејствија (гласањето за повеќе лица и гласањето во име на друг) согласно КЗ претставуваат кривично дело злоупотреба на избирачкото право, поради што постои опасност едно лице за едно исто дејствие да биде казнето за прекршок и за кривично дело, што е спротивно на начелото на забрана за повторно судење (non bis in idem)1.
7. Во новиот изборен закон, освен изборните нерегуларности кои претставуваат кривични дела против изборите и гласањето (кршење на гласачки кутии, семејно гласање, гласање за друг, нарушување на тајноста на гласањето и сл.), сите други изборни нерегуларности да се предвидат како прекршоци, и за истите да бидат предвидени мандатни парични казни. Заради успешно справување и спречување на овие изборни нерегуларности, со новиот изборен закон да се овласти избирачкиот одбор (откако ќе утврди дека некое лице извршило таква нерегуларност) да ја извести полицијата која го обезбедува објектот во кој е сместено гласачкото место, а на полицијата да и биде дадено овластување по констатирање на состојбата и составување на записник, да му наплати парична казна на сторителот, а доколку сторителот не ја плати казната тогаш полицијата веднаш да поднесе прекршочна пријава.
1 “ Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.”-чл.14 ст.2 од Уставот на РМ
”Никој не може повторно да биде суден или казнет за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.”чл.5 од ЗКП на РМ
|