1. Општа оцена на акредитираните домашни и странски набљудувачи е дека локалните избори во РМ во 2005 г. беа фер, демократски и во согласност со Документот од Копенхаген на ОБСЕ и другите меѓународни стандарди за демократски избори, но со сериозни неправилности (полнење гласачки кутии, групно гласање, нарушување на тајноста на гласањето, семејно гласање, неспроведување на постапка за проверка на идентитетот на гласачите и сл.) во значителен број општини во западниот и северозападниот дел од земјата кои што влијаат врз интегритетот на целокупниот изборен процес.
2. Големиот број приговори (поднесени до општинските изборни комисии) и жалби (поднесени до Врховниот суд на РМ) се објективен индикатор за нерегуларностите и нарушувањата на изборниот процес, а како резултат на приговорите и жалбите (нерегуларностите) се одржа прегласување на 27 март, на 10 април, на 24 април , на 8 мај, а имаше и вонредни избори во општина Шуто Оризари.
3. Во текот на локалните избори се извршени вкупно 49 кривични дела против изборите и гласањето, и тоа 61% од вкупниот број кривични дела се извршени во текот на првиот изборен круг, 27% во текот на вториот изборен круг, 8% на прегласувањето на 10.04.2005г., а 4% на прегласувањето на 24.04.2005г.
4. Кривични дела се извршени во 11 општини, а најмногу дела се извршени во општина Шуто Оризари.
5. Само 5% од сите кривични дела се извршени надвор од избирачките места, додека пак останатите 95% се извршени во самите простории каде се спроведувало гласањето.
6. Голем број од кривичните дела се извршени од страна на членови на органите за спроведување на локалните избори. Имено од вкупно 31 обвинет, 15 обвинети се членови на органите за спроведување на локалните избори, и тоа 4 обвинети во моментот на извршување на кривичното дело биле претседатели на избирачки одбори, а 11 обвинети биле членови на избирачки одбори.
7. 70% од кривичните дела извршени за време на локалните избори се пријавени од страна на Министерството за внатрешни работи, а само 10% се пријавени од страна на граѓани.
8. За кривични дела против изборите и гласањето извршени за време на локалните избори во 2005г. се пријавени вкупно 65 лица. Од вкупно 65 пријавени лица за 15 лица е отфрлена кривичната пријава, и тоа врз основа на ист законски основ-непостоење на основано сомнение дека пријавениот го сторил делото, против 13 лица се спроведува истрага, за 6 лица се се прибираат докази од страна на јавното обвинителство, а 31 лице е обвинето.
9. Од вкупно 31 обвинет, спрема 4 лица првостепената постапка е во тек, за 1 лице е донесена пресуда со која се одбива обвинението, 21 лице е огласено за виновно, а 5 лица се осудени.
10. Врз основа на анализата на податоците за видот и висината на кривичните санкции изречени на сторителите на кривични дела против изборите и гласањето во врска со локалните избори, се утврди дека при одмерувањето на санкциите македонските судови се движеле во рамките на законскиот максимум и минимум, освен во два предмети каде санкцијата е одмерена под законскиот минимум.
11. Во поглед на почитувањето на меѓународните стандарди за правично судење во кривичната постапка против сторителите на кривични дела против изборите и гласањето, врз основа на собраните податоци се утврди дека на сторителите им е судено во нивно присуство (освен на двајца обвинети), во разумен рок, пред надлежен, независен, непристрасен и со закон заснован суд. Обвинетите го не го користеле правото на молчење, ниту пак правото на преведувач, а го користеле правото да предлагаат докази во своја одбрана, како и правото да се бранат со помош на бранител по свој избор.
12. Голем дел од нерегуларностите забележани од страна на домашните и странски набљудувачи, претставуваат кривично дело.
кршењето на гласачки кутии; постоење на тензија, немири и заплашување на самите избирачки места и надвор од избирачките места; насилното однесување и меѓусебните физички пресметки во избирачките места; нападите врз гласачи-претставуваат кривично дело спречување на избори и гласање;
гласањето за други лица; семејното гласање-претставуваат кривично дело злоупотреба на избирачкото право;
нарушувањето на тајноста на гласањето - претставува кривично дело повреда на тајноста на гласањето ;
агитирањето врз избирачите пред избирачките места - претставуваат кривично дело повреда на слободата на определување на избирачите ;
Наспроти големиот број лица кои за време на локалните избори во 2005 г : гласале за други , гласале за членовите на своето семејство , кршеле гласачки кутии , ја нарушувале тајноста на гласањето , физички ги напаѓале избирачите и сл . наведени во извештаите на акредитираните домашни и странски набљудувачи1 , многу е мал бројот на лицата против кои се поднесени кривични пријави , поради што што е оправдан заклучокот дека оцеката за кривичното гонење на сторителите на кривични дела против изборите и гласањето за време на локалните избори во 2005 г , е негативна .
1 Извештај, локални избори 2005, мај 2005, ГА МОСТ; Конечен извештај на набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ/ОДИХР, Варшава, 8 јуни 2005
|