1. Прашањето за независноста на судството во Република
Македонија е комплексно и бара комплементарен пристап низ
Стратегијата за реформа во судството со поставување на јасни
одредници во Уставот на Република Македонија, а потоа и во сите други
закони со кои се разрешува работата, положбата, функционирањето и
организацијата на судството.
2. Сите судови треба доследно да ја применуваат одредбата од ЗПП
за плаќањето на судските такси со што граѓаните би биле ставени во
еднаква положба како што тоа законот и го предвидува. На судовите кои
не ја применуваат доследно одредбата за плаќање на судските такси
треба да им се укаже на тоа.
3. Треба да се овозможи барањето за изземање да се поднесе и по
отпочнување на главниот претрес, бидејќи не е исклучена можноста
околностите што предизвикуваат сомнеж во непристрасноста на
судијата или судијата- поротник да се осознаат во текот на
постапувањето. Но, со оглед на фактот што главниот претрес е во тек,
во законот мора да се пропишат краткотрајни рокови во кои ќе мора да
се одлучи по барањето за изземање.
4. Со цел да се спречи злоупотребата на можноста да се бара
изземање на судии само со цел за одолговлекување на постапката,
корисно би било легислативно да се оневозможи повторено поднесување
на барање за изземање на ист судија поради исти околности, изнесени во
претходно барање за изземање кое било оценето како неосновано.
5. Непристрасноста мора постојано да се следи преку институтот за
изземање на судии и судии поротници, начинот на распределба на
предметите меѓу судиите и час поскоро мора да се пристапи кон
донесување посебен Закон за организација на судството кој треба да го
следи и надополни Законот за судовите.
6. Треба да се изменат одредбите од ЗПП за вредноста на
предметот на спорот за судење на судија поединец и да се зголеми
вредноста на предметот на спорот за судење на судија поединец ( и за
споровите за имотноправните барања во редовна постапка и за
стопанските спорови).
7. За високиот процент на предмети во кои вредноста на предметот
на спорот не е определена треба да им се укаже на судовите за
соодветната и доследна примена на законските прописи затоа што тоа
може да доведе до сериозни злоупотреби во поглед на плаќањето на
судските такси.
8. За да се отстранат сите можни сомневања за било какво влијание
врз независноста на судската функција би требало да се преземат мерки
и да се разгледа можноста за измена на прописите кои ја уредуваат
постапката и начинот на изборот и разрешувањето на судиите.
9. Во ЗПП треба да се утврдат роковите во кои Претседателот на
судот ќе одлучи за барањето за изземање.
10. Во случаите каде што има повеќе соизвршители да се донесе
одлука за раздвојување на постапката, доколку тоа судијата го оцени
како целесообразно, наместо донесување на одлука за судење во
отсуство.
11. За да се овозможи присуство на општата јавност судовите мора
организациски да го решат прашањето за тоа како информациите за
денот и часот на определено судење навреме ќе ги направат достапни до
оние што ќе покажат интерес за нив.
Судовите мора што поскоро да се компјутеризираат со што ќе се
овозможи навремено добивање информација за денот и часот на
судењето но и за стадиумот до кој стасал определен предмет. На овој
начин ќе се олесни комуникацијата и со странките и со бранителите и
другите заинтересирани лица.
12. Имајќи ја предвид природата на кривичните предмети мора да
се направи напор (дури и да се инсистира) судењата да се одвиваат во
судница, а не во канцеларијата на судијата каде што едноставно нема
услови за нормално одвивање на судењето, за присуство на сите
заинтересирани лица, за изведување процесни дејствија како што е
сослушување сведоци, вештаци и сл.
13. Имајќи ја предвид преоптовареноста на судиите со предмети и
зачестеното отпочнување на главниот претрес одново поради истек на
рокот од 30 дена, треба да се прифатат некои компаративни решенија
каде што овој рок е определен на два месеца односно на не повеќе од три
месеци.
14. Пожелно е во писмената наредба за вештачење судијата да може
да определи рок во кој вештачењето мора да биде завршено.
Определениот рок секако дека ќе може да биде продолжен по барање на
вештакот со цел за успешно завршување на вештачењето. На овој начин
ќе се одбегне одлагање на главниот претрес на неопределено време што
му дава голема слобода на вештакот но ќе се одбегне и недоставувањето
на готовите вештачења поради неизмирени парични побарувања меѓу
институцијата што го спровела вештачењето и судот.
15. Одлагањето на рочиштата за еден ист предмет преголем број
пати сметаме дека е недопустливо и треба во таа насока да се бараат
решенија кои би воделе кон измени и дополнувања на ЗПП.
16. Треба да се воведат измени во ЗПП со кои одговорот на тужба и
подготвителното рочиште ќе бидат предвидени како задолжителни фази
на постапката.
17. Судот треба да настојува рочиштата да не се одлагаат на
неодредено време.
18. Одредбите од ЗПП за мирување на постапката треба да се
укинат.
19. Согласно одредбите за употребата на јазиците во текот на
кривичната постапка би требало секој суд да поседува листа на
регистрирани судски преведувачи од соодветни јазици како би можел
судијата навреме да обезбеди квалитетен и проверен толкувач.
Не смее да се толерира необезбедувањето толкувач да биде
причини за одлагање на рочиштето. Тоа зборува дека судијата
недоволно го подготвил главниот претрес.
20. Компјутеризацијата на работата на судовите треба да придонесе
работата на судијата и сите процесни дејствија од него, да бидат
обработени, евидентирани, и внесени во компјутерот (компјутерското
досие) што го работи. На тој начин се создава можност преку
компјутерот, судијата да го има досието кај себе и секогаш да може да го
користи при подготовка за работа или при самата работа врз тој
предмет. Така подготвеното (компјутерски обработено досие) му помага
на судијата во неговата работа но и обезбедува целосен увид во тоа што
се случува, кој врши увид во досието, кој го користи и за кои цели и се
обезбедува висок степен на заштита на самото досие.
21. Неопходно е во Законот за судовите да се пристапи кон целосно
и детално регулирање на прашањата сврзани со дисциплинската
одговорност на судиите.
22. Неопходно е итно да се пристапи кон изготвување на
подзаконски акти, методологија за подготвување и реализација на
судскиот буџет. Паралелно со ова неопходно е да се изготви Програма за
формирање на фонд од средствата што се од сопствени извори од
судството и кои со таа програма треба да се користат за унапредување на
состојбите во судството во сите домени: од згради, техника и технологија
до унапредување на методите на работа и научно истражувачка работа.
Конечно треба да се разреши прашањето на подготвувањето и
донесувањето на Законот за плати на судиите.
|