Извештај за предметот Неготинска гимназија од 09.02.2004 година

 

Предметот К.бр.229/03 кој се води пред Основниот суд во Велес за кривично дело Насилство од член 386 ст.2 во врска со ст.1 од КЗ против обвинетите Орданчо Тасев и 19 други. Предметот го суди судски совет во состав 1+2, па согласно тежината на кривичното дело може да се утврди дека судот е правилно составен . Дополнителен елемент е што како жртви се јавуваат малолетни лица .

 

Се работи за сложен предмет по битието на делото - чл . 386 од КЗ - Насилство , кое по себе е сложено кривично дело , но во случајот се работи за став 2 од споменатиот член ( дело сторено од група , грубо насилство , со учество на поголем број сторители и кое во јавноста предизвикува чувство на несигурност , загрозеност и страв ).

 

Судскиот совет на сите обвинети им обезбедил бранители по нивни избор . Има случај бранителите да не се јавуваат на судењето поради преангажираност или поради откажување на полномошното од страна на обвинетито , но судот веднаш одредил бранител по службена должност . Значи судот доследно го почитува правото на бранител .

 

Судскиот совет доследно го спроведува начелото да го запознае обвинетиот со неговите права : да се брани со молчење ( никој до сега не го користи тоа право ), правото на употреба на јазик и другите стандарди за гаранција на обвинетиот во кривичната постапка ;

 

До моментот на изготвување на извештајот , во овој предмет се одржани 8 рочишта на кои се изведува доказна постапка .

 

Во поглед на изведувањето на доказите , се употребува двоен пристап : сведоците усмено ги изнесуваат своите искази , а за некои се читаат нивните искази дадени во истаражната постапка . Некои од сведоците , на главниот претрес ги повлекуваат своите искази дадени во истрагата и наведуваат дека биле наговорени каков исказ да дадат . На предлог на одбраната се вршат соочувања на главниот претрес . Извршени се и вештачења , посебно по однос на добиените телесни повреди .

 

Со оглед на поголемиот број обвинети , судењето се одржува во континуитет и досега се одржани неколку главни претреси на кои се изведуваат докази . На последното рочиште одржано на 31.03.2004 година полномошникот на првообвинетиот го известил судот дека првообвинетиот е тешко болен поради што не е во можност да присуствува на судењето . Судот го одложил главниот претрес на неопределено време .

Набљудувачите на процесот , констатираат дека се почитуваат правата на обвинетиот за чесна одбрана , на тој начин што им е даден увид во сите докази , се прифаќаат нивните предлози за сослушување сведоци и вршење соочување , се почитуваат законските рокови во поглед на благовремено известување за одржувањето на претрес и за добивање на писмената . Судот тоа го обезбедува на тој начин што за секој завршен главен претрес , на записник го закажува следниот претрес и на тој начин ги известува странките

 

Во овој процес нема барање за изземање на председателот на советот и судиите поротници . Општа е оценката на набљудувачите дека нема индикации во однесувањето на судот кои би упатувале на пристрасно однесување и постапување .

 

Во текот на целата постапка се почитува начелото на јавност . Мора да се истакне и фактот дека овој случај беше на следење , коментирање , објаснување во скоро сите јавни медиуми , со што може да се каже дека се создаде атмосфера на постојан притисок врз судот .

 

Во однос на личното однесување на председателот на советот , набљудувачите забележале дека во текот на судењето тој пушел . Тоа е добро забележување од стојалиштето на однесувањето на судиите на главниот претрес .

  

 
Дома   Коалиција “Сите за правично судење” 2009