Биле регистрирани 57 жртви на полициско насилство
Вкупно 57 жртви на полициска злоупотреба се евидентирани од октомври 2006 до ноември 2007 година од страна на пет невладини организации во земјава. Најголемиот број од жртвите на полициска злоупотреба се на возраст од 18 до 30 години, но има и малолетни лица. Повеќето се жалат на бруталноста на „алфите“, кои во дури 90 отсто од случаите им нанеле телесни повреди. Ова се резултатите од анализата на Проектот за поддршка на човековите права, која вчера беше презентирана во Скопје. Таа се базира на пријави на граѓани, кои од невладините организации побарале бесплатно правно советување, како жртви на полициска злоупотреба.
Во повеќе од половина од случаите, или 53 отсто, граѓаните се жалат дека полицајците им нанеле телесни повреди и ги малтретирање, а во 26 отсто–полициските службеници се однесувале грубо и недолично. Забeлешките за злоупотреби најмногу се однесуваат на спектакуларните апсења и непочитувањето на пресумпцијата на невиност. „Загрижувачка е тенденцијата на спектакуларни апсења, на случаи на доведување приведени пред истражен судија на главниот влез во судот, на очиглед на јавноста и на новинарите, како и давањето изјави од страна на високи функционери на МВР дека полицијата располага со несоборливи докази“, велат правните аналитичари .
Во анализата се посочува дека голем број од жртвите се обраќаат за правна помош во врска со неправилното однесување на полицијата, но се плашат да иницираат постапка против полицајците. Уште позагрижувачки е и фактот што полицијата често на поднесената пријава од жртвите одговара со контра кривична пријава за напад на службено лице. Шефот на одделот Владеење на правото при Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, Доналд Бисон, кој му даде целосна поддршка на проектот, укажа дека полицијата треба да ги почитува човековите права и да се однесува согласно со правилата и законот.
Проектот е финансиски поддржан од набљудувачката Мисија на ОБСЕ во Скопје и од Институтот Отворено општество Македонија-ФИООМ. (Д.Т.)
Утрински весник 17.01.2007
ППЧП: „Алфите“ се однесувале сурово и недолично
Педесет и седум жртви на полициска злоупотреба од октомври 2006 година до ноември минатата година се евидентирани со Проектот за поддршка на човековите права (ППЧП). Од жртвите 37 се Македонци, 11 Албанци, 7 Роми и 2 Босанци. Дури 98 отсто од жртвите се на возраст од 18 до 55 години, а само 2 проценти се малолетни.
Според извештајот на ППЧП, во 53 отсто од случаите граѓаните се жалеле на телесни повреди и на малтретирање, а 26 отсто од нив реагирале на грубо и недолично однесување на полициските службеници.
„Забележителна е тежината на повредите и високиот степен на суровост во случаите во кои се инволвирани полициските единици „алфи“ и Единиците за брзо распоредување. Во 90 отсто од случаите тие се однесувале грубо и недолично, а во 10 отсто случаи им нанеле телесни повреди на граѓаните“, се наведува во извештајот.
Михаил Готовски од коалицијата „Сите за правично судење“ посочи дека тенденцијата на спектакуларни апсења и изјавите на високи функционери на МВР, дека „полицијата располага со несоборливи докази“, го прекршуваат принципот на пресумпција на невиност.
- Јавното декларирање на нечија вина од висок претставник на извршната власт има последица граѓанинот однапред да се смета за виновен во очите на јавноста, а со тоа истовремено се влијае и врз судските авторитети - истакна Готовски.
Владимир Милчин од фондацијата „Институт отворено општество“ образложи дека граѓаните, иако се обраќаат до невладините организации, се плашат да иницираат постапка против полицијата.
- Ако граѓанинот одлучи да поднесе пријава против полициски службеник, полицијата веднаш ќе одговори спротивно на тоа и ќе поднесе пријава за напад на службено лице - рече Милчин.
Проектот за поддршка на човековите права почна во декември 2003 година и во него се вклучени пет невладини организации. Проектот им нуди бесплатна правна помош на жртвите на полициска злоупотреба.
Јавниот обвинител да не се потпира на МВР
ППЧП му порача на секторот за внатрешна контрола при МВР да биде поаналитичен и транспарентен, односно да изведува ефективна истрага за да ја утврди фактичката состојба.
Според ППЧП, јавниот обвинител и истражниот судија треба да ги користат сите правни средства што им стојат на располагање во случаите на полициска злоупотреба, а не да бараат дополнителни информации од МВР.
Учесниците во проектот им порачуваат на претставниците на канцеларијата, народниот правобранител да бидат поагресивни и да ги користат медиумите како средство за притисок и објавување на случаите каде што е утврдена повреда на законот
Дневен весник "Шпиц"
Педесетина граѓани жртви на полициски злоупотреби
Во Македонија лани 57 граѓани биле жртви на полициска злоупотреба, а бројот на лицата што побарале помош од граѓанските здруженија е поголем, но истите имале страв официјално да ги пријават случаите. Ова се податоците од годишниот извештај за 2007 година на Проектот за поддршка на човековите права. Во проектот учествуваат пет граѓански здруженија, кои во врска со случаите на полициска злоупотреба поднеле 49 претставки до Секторот за внатрешна контрола при МВР.
Бројот на регистрирани жртви на полициска злоупотреба е намален за 25 отсто во споредба со 2006 година, а најчести жртви се мажи. Според националната припадност 64 отсто од малтретираните граѓани се Македонци, па Албанци и Роми.
Поголеми злоупотреби биле спектакуларните апсења и непочитувањето на пресумпцијата на невиност. Во 30 случаи на пречекорување на овластувањата и малтретирања учествувале униформирани полицајци, а девет случаи се однесуваат на нанесување повреди од страна на „алфите“.
Во проектот учествуваат Форумот за правата на Ромите „Арка“ од Куманово, Центарот за демократски развој од Тетово, Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, „Избор“ од Струмица и коалицијата „Сите за правично судење“ од Скопје. Проектот е изведен со финансиска поддршка на ОБСЕ и фондацијата Институт „Отворено општество“ - ФИООМ.
Дневен весник "Дневник"
СПОРЕД ИЗВЕШТАЈОТ НА НЕВЛАДИНАТА КОАЛИЦИЈА "СИТЕ ЗА ПРАВИЧНО СУДЕЊЕ"
Театрални апсења и нервозни "алфи" во 2007
Злоупотреба на полициска должност, проблематични "алфи" и спектакуларни апсења се само дел од забелешките во годишниот извештај на коалицијата "Сите за правично судење" од Проектот за поддршка на човековите права - ППЧП, кој вчера беше презентиран во скопскиот хотел "Холидеј ин". Од 1 ноември 2006 до 31 октомври 2007 година невладините организации регистрирале 51 случај на пречекорување на полициските овластувања или 16 отсто намалување во однос на лани. Најмногу евидентирани жртви на полициска злоупотреба се мажите, дури 90 отсто, а од нив најмногу се полнолетни и Македонци, потоа Албанци, Роми и 3,5 отсто Бошњаци. Според годишниот извештај на НВО, во случаите во кои се инволвирани припадниците на специјалните полициски "Алфи", паѓа в очи забележителна суровост и малтретирање на жртвите.
Најгорлив проблем на кој посочува НВО е тенденција на спектакуларните апсења, случаи на приведување и притворање граѓани пред очите на јавноста и на новинарите и давање изјави на високи функционери на МВР без да се чека резултатот од судењето.
Во извештајот стои оти постапките по поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство во дел од случаите се долготрајни и неефикасни за жртвите на неправилно однесување од полицијата. Имало случаи каде што истрагата се уште трае, иако постапката е иницирана пред повеќе од 3 години.
Дневем весник "Вест"
10.01.2008 Прес конференција на Проектот за поддршка на човековите права
Ве известуваме дека на ден 17.01.2008 ( Четврток) ќе се одржи Прес конференција на Проектот за поддршка на човековите права кој е имплементиран од Здруженијата на граѓани “Форум за правата на Ромите Арка “ – Куманово, “Центар за демократски развој” -Тетово, “ Центар за граѓанска иницијатива” –Прилеп, “ Избор” -Струмица и “Коалицијата Сите за правично судење” од Скопје. Проектот за поддршка на човековите права е поддржан од ОБСЕ и Фондацијата Институт Отворено општество –ФИООМ.
Прес Конференцијата ќе се одржи во хотел Холидеј Ин со почеток во 12,00.
Свое обраќање ќе имаат г-дин.Владимир Милчин –извршен директор на ФИООМ и г-дин. Доналд Биссон – Шеф на одделот Владеење на правото при Наблудувачката Мисија на ОБСЕ во Скопје.
На Прес Конференцијата ќе се промовира Финалната правна анализа за 2007 година која ги опфаќа регистрираните случаи на полициска злупотреба.
Имено, во 2007 година евидентирани се 51 случај на полициска злоупотреба. Бројот е поголем на оние жртви кои бараат помош од здруженијата ,но имаат страв официјално да ги пријават.
Најзначајни во 2007 година се спектакуларните апсења и почитувањето на пресумпцијата на невиност, како и поголем број на повреди направени од страна на специјалните единици АЛФИ.
Дури 90% од пријавените жртви од страна на АЛФИТЕ се здобиле со телесни повреди.
Во самиот извештај се опфатени и ранливите категории како што се малолетници и Ромската популација, а од страна на здруженијата на граѓани кои се вклучени во овој проект, за 2007 година се поднесени 49 преставки до Секторот за внатрешна контрола при МВР.
Воедно на Прес Конференцијата ќе се дадат и заклучоци и препораки како да се надмине појавата на полициска злоупотреба.
Со почит
Аница Томшиќ Стојковска
Проект Координатор
Извештајот за периодот 2004-2005 година и препораките и заклучоците во врска со случаите на наводна злоупотреба или лошо постапување од страна на полицијата во Република Македонија
Почитувани, АРКА, ЦДР, Коалицијата “ Сите за правично судење ” , ИЗБОР и ЦГИ , имплементирачки партнери во Проектот за поддршка на човековите права (ППЧП) ќе одржат прес конференција на 21 декември 2005, среда со почеток во 11 часот, во хотелот “Holliday Inn” во Скопје.
Главна цел на прес конференцијата е презентација на Извештајот за периодот 2004-2005 година и препораките и заклучоците во врска со случаите на наводна злоупотреба или лошо постапување од страна на полицијата во Република Македонија. Покрај претставници на НВО-и во рамките на ППЧП, на прес конференцијата ќе присуствува и г-дин Andrew Palmer , раководител на програмата за јакнење на капацитетите, оддел за владеење на правото, при Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје.
Проектот за подршка на човековите права (ППЧП), претставува иницијатива на граѓанското општество, која се усредоточува на појавата на неправилно однесување или злоупотреба од страна на полицијата. Цел на проектот, е да обрне внимание на употребата на незаконска физичка и психичка сила, од страна на овластените службени лица од Министерството за внатрешни работи (МВР), во текот на вршењето на своите службени задачи и да помогне во развојот на ефективен механизам, за заштита на човековите права на наводните жртви.
ППЧП е финансиски поддржан од страна на Набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје, а проектот го реализираат 5 невладини организации покривајќи ја целокупната територија на Република Македонија.
Овој извештај беше изготвен како резултат на проектните активности, спроведени во периодот меѓу 2004 и 2005 година, користејќи ги податоците и заклучоците во врска со регистрираните случаи на неправилно однесување или злоупотреба, од страна на полицијата. Извештајот нуди една сеопфатна слика за нивото на почитување на човековите права од страна на МВР, како и за превентивните мерки кои ги преземаат овластените институции.
Посебно внимание во Извештајот е посветено на законските механизми за заштита на жртвите на полициска злоупотреба, а особено на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС), односно, внатрешното контролно тело во рамките на МВР . Невладините организации вклучени во ППЧП, утврдија дека внатрешните механизми за контрола на работата на овластените службени лица од МВР, во моментов, не се транспарентни, навремени и сеопфатни, ниту пак објективни. Извештајот содржи одреден број препораки, со цел да се подобри заштитата на правата на луѓето, во нивните контакти со овластените службени лица од МВР.
Невладините организации вклучени во ППЧП, ја анализираа и работата на канцеларијата на Народниот правобранител и препорачаа, максимално искористување на сите алатки и средства кои ги нуди законот, вклучувајќи ја и употребата на медиумите во исклучителни случаи. Сепак, беше потврдено дека отворањето на шест нови регионални канцеларии на Народниот правобранител, доведе до значајно подобрување на пристапот на наводните жртви на полициска злоупотреба до основната институција, основана и задолжена за заштита на нивните права.
_________________________________________________________________________________________________
За дополнителни информации Ве молиме контактирајте не на : тел . 3215 263, E-mail: petar_jordanoski@yahoo.com ; petar@all4fairtrials.org.mk
Резултатите на Коалицијата “Сите за правично судење” од девет месечното набљудување на предмети во врска со трговијата со луѓе пред основните судови во Македонија
На 9 декември 2005 година, во хотел “ARKA” со почеток во 13:00 часот, Коалицијата “Сите за правично судење“ ќе одржи прес конференција заради промовирање на извештајот “Сузбивањето на трговијата со луѓе низ практиката на домашните судови“.
Покрај претставниците на Коалицијата, амбасадорот Natalya Drozd , заменик шеф на ОБСЕ мисијата во Скопје, ќе учестува на конференцијата.
Со цел да ја поддржи Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција на Владата на Република Македонија, Коалицијата во ноември 200 4 год. започна со реализација на Проектот “Набљудување на судските процеси во врска со трговијата со луѓе”.
Обучени набљудувачи, правници и адвокати, во периодот од јануари до септември 2005 год., набљудуваа вкупно 32 предмети (за кривичните дела: “Трговија со луѓе”, “Посредување во вршење проституција” и “Криумчарење мигранти”) на 102 рочишта против 83 обвинети лица во основните судови во Македонија.
Преку набљудувачкиот процес се обезбедија објективни и квалитетни податоци за специфични теми од интерес во рамките на трговијата со луѓе како што се: позицијата на жртвата во кривичната постапка, обезбедување на нејзина компензација, заштита на сведоците, должина на постапката и казнената политика на судовите.
Извештајот на Коалицијата ги идентификува проблемите со кои се соочува судскиот систем во односната материја и обезбедува препораки за поефикасно сузбивање на трговијата со луѓе, како и за обезбедување на адекватна заштитата на жртвите.
Истиот, од страна на Проф. Бачановиќ, член на имплементационата група за изработка на стратегијата и акциониот план за борба против трговијата со луѓе, на тркалезната маса одржана на 11.11.2005 год., беше оквалификуван како “ мошне сериозен напор да се направи слика на она што се случува во нашата судска практика во однос на трговија со луѓе, како и соодветен инструмент за науката, законодавството и судството, за лоцирање на проблемите со кои Република Македонија се соочува во процесот на сузбивање и санкционирање на трговијата со луѓе. ”
Извештајот кој што е публикуван на три јазика (македонски, албански и англиски) ќе биде доставен до домашни владини и невладини ентитети како и до меѓународни организации активни во полето на трговијата со луѓе.
_________________________________________________________________________________________________
За дополнителни информации Ве молам контактирајте ја г-ѓица Виолета Велкоска, Проект координатор на Коалицијата Тел. (+389 2 ) 3215 263, e-mail: contact@all4fairtrials.org.mk ; violeta@all4fairtrials.org.mk
Промоција на завршниот извештај на Коалицијата “Сите за правично судење“ за степенот на почитување на меѓународните стандарди за правично судење во сите основни судови во Република Македонија и функционирањето на судството
На 03.11.2004 година, во хотел “Best Western” со почеток во 12:00 часот, Коалицијата “Сите за правично судење“ одржа прес конференција заради промовирање на “Завршниот извештај“, изготвен врз основа на спроведени набљудувања на граѓански и кривични рочишта во периодот Јули 2003 - Јули 2004 год.
Покрај правниот аналитичар на Коалицијата г-ѓица Јасна Цветковска и националните експерти инволвирани во проектот проф.др.Арсен Јаневски и проф.др.Љупчо Арнаудовски, на конференцијата учествува и амбасадорот Carlos Pais, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Со цел да се зголеми довербата на јавноста во правниот систем и судството, да се идентификуваат проблемите во судскиот систем и да се укаже на потребата за правни и институционални реформи, како и да се зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови, Коалицијата “Сите за правично судење“ работеше на реализација на проектот “Набљудување на имплементација на меѓународните стандарди за правично судење во домашните судови и проценка за функционирање на судството во Република Македонија“.
Осумдесет обучени набљудувачи на Коалицијата од Јули 2003 до Јули 2004 година набљудуваа 643 предмети на 1010 рочишта во кривична постапка и 720 предмети на 907 рочишта во граѓанска постапка во сите основни судови во Македонија.
Завршниот извештај на Коалицијата “Сите за правично судење“ кој представува резултат на анализите изработени од страна на национални и локалните правни експерти, правниот аналитичар на коалицијата, како и на извештаите на локалните координатори и набљудувачите, дава конкретни заклучоци за нивото на почитувањето на меѓународните стандарди за правично судење во судовите во Република Македонија, за проблемите со кои се соочуваа судството, како и препораките за надминување на истите.
Она што може да се истакне а произлегува од истражувањето е дека особено се потребни реформи во поглед на стандардот судење во разумен рок.Утврдено е дека, во граѓанската постапка рочиштата се одлагаат многу често и тоа за подолг временски период, постои проблем на неуредна достава, периодот од поднесувањето на тужбата во судот до нејзиното доставување на тужениот често е предолг, додека во кривичната, вештачењата траат долго, како и поминува подолг период од поднесувањето на обвинението до првото рочиште од главниот претрес. Затоа и дадените препораки се во насока на одредени измени на законските текстови кои ќе придонесат за забрзување на постапката и доследна примена на овој меѓународен стандард.
_________________________________________________________________________________________________
За дополнителни информации Ве молам контактирајте ја г-ѓица Јасна Цветковска, Потпарол на Коалицијата
Тел(+389 2 ) 3215 263 contact@all4fairtrials.org.mk
Промоција на првичните резултати за степенот на почитување на меѓународните стандарди за правично судење во сите основни судови во Македонија на Коалицијата “Сите за правично судење“
На 10 мај 2004 година, во хотел “Јадран“ со почеток во 12:00 часот, Коалицијата “Сите за правично судење“ќе одржи прес конференција заради промовирање на “Периодичен извештај“, изготвен врз основа на спроведени набљудувања на граѓански и кривични рочишта во периодот од Јули 2003 до Јануари 2004 год.
Покрај националните правни експерти инволвирани во проектот, амбасадорот Carlos Pais шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе учествува на конференцијата.
Со цел да се зголеми довербата на јавноста во правниот систем и судството, да се идентификуваат проблемите во судскиот систем и да се укаже на потребата за правни и институционални реформи, како и да се зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови, Коалицијата “Сите за правично судење“ работи на реализација на проектот “Набљудување на имплементација на меѓународните стандарди за правично судење во домашните судови и проценка за функционирање на судството во Република Македонија“.
Осумдесет обучени набљудувачи на Коалицијата до крајот на Јануари 2004 година набљудуваа 480 граѓански и 509 кривични рочишта во сите основни судови во Македонија.
Периодичниот извештај на Коалицијата “Сите за правично судење“ представува резултат на анализи изработени од страна на национални правни експерти врз основа на добиените податоци во прашалниците за набљудување на кривичните и граѓански предмети, односно врз основа на податоците добиени од дата базата, како и на извештаите направени од страна на локалните правни експерти, извештаи на локалните координатори и разговори извршени со набљудувачите.
Периодичниот извештај дава првични заклучоци за нивото на почитувањето на меѓународните стандарди за правично судење во судовите во Македонија, за проблемите со кои се соочува судството, како и препораки како истите да се надминат.
_________________________________________________________________________________________________
За дополнителни информации Ве молам контактирајте ја г-ѓица Виолета Велкоска, Проект менаџер на Коалицијата Тел. (+389 2 ) 3215 263 contact@all4fairtrials.org.mk |